„Кралевите“ подготвуваат нова бомба: Реал Мадрид почнал преговори со Мохамед Салах

Најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид започнал преговори со египетската ѕвезда во Ливерпул, Мохамед Салах, објави францускиот новинар од Канал плус, Филип Карајон во програма на телевизијата каде што работи.

„Кралевите“ планираат тотална реконструкција на тимот, кој до лани доминираше во европскиот фудбал, но сезонава по заминувањето на Кристијано Роналдо имаше таква очајна сезона, па уште во март ги загуби шансите да освои некој трофеј, притоа менувајќи два тренери до враќањето на Зинедин Зидан на кормилото.

Ако за Еден Азар од Челси и Лука Јовиќ од Ајнтрахт Франкфурт деновите веќе се избројани до нивното доаѓање, на мета е Пол Погба, а сега уште една голема ѕвезда е на списокот за засилувања – Мо Салах од финалистот во ЛШ, Ливерпул.

„Зидан не го сака само Азар во тимот, туку веќе постојат одредени контакти помеѓу Реал и Салах“, тврди Карајон.

Од поодамна е најавено дека Реал Мадрид ќе потроши рекордни 540 милиони евра на засилувања, а повеќе од јасно е дека Ливерпул воопшто нема да разговара за помалку од 150 милиони евра за Салах, кој во само 103 меча за „црвените“ има 70 голови и веќе втора година по ред ја освојува „златната копачка“ во Англија, но овојпат делејќи ја со соиграчот Саидо Мане и Пјер Емерик Обемејанг од Арсенал.