
Кошмарна сезона: Ова е најлошиот Сити во ерата на Гвардиола
Само во 2019/20, Сити со Гвардиола на клупата имаше девет порази, но на крајот на сезоната, а сега стигна до оваа бројка по 28 одиграни кола што значи дека има доволно време тој антирекорд да биде надминат. Освен тоа, Сити на последните 30 меча во сите натпреварувања доживеа неверојатни 15 порази што значи дека губел на секој втор натпревар, а што исто така не е видено во овие девет години.
Во финишот од сезоната, Гвардиола ќе се обиде да го задржи тимот во топ-4 со што би изборил пласман во Лигата на шампионите за идната сезона. Никогаш во кариерата, водејќи ги Барселона, Баерн и сега Сити, Шпанецот не бил полошо пласиран од третото место што сега се отвора како можност.
Во последните десет кола од Премиер лигата, актуелниот англиски првак има тешка работа бидејќи идниот викенд го пречекува Брајтон, потоа гостува кај Манчестер Јунајтед и Евертон, а тежок предизвик ќе биде и Астон Вила на домашен терен. Во јануари клубот потроши 200 милиони евра на засилувања, но од нив уште нема голем бенефит поради што може да се очекува во летниот преоден рок уште поголема потрошувачка.