Клоп го користи „попустот“: Фудбалер на Салцбург пристигнува на „Енфилд“!

Напаѓачот на Салцбург, Такуми Минамино, најверојатно ќе ја продолжи својата кариера во екипата на Ливерпул.

Според британски „Тајмс“, менаџерот на „црвените“, Јирген Клоп, е заинтересиран да го донесе фудбалерот кој постигна два гола на шест натпревари од групната фаза во Лигата на шампиони, а воедно имаше и три асистенции. Јапонецот исто така се наоѓа на мета на Манчестер Јунајтед, а она што е поволно за двата клуба, е откупната клаузула која изнесува само девет милиони евра.

Во Ливерпул, за Минамино сметаат дека би била одлична инвестиција затоа што има 24 години, а воедно сметаат дека може одлично да се вклопи во системот на англискиот тим.

Инаку, Минамино пред четири години пристигна во Австрија, а воедно е еден од лидерите на јапонската репрезентација, за која постигна 11 гола на 22 натпревари.