Катарци дојдоа по Модриќ, Флорентино нема ништо против

Претставници на засега неименуван катарски клуб, неделава дошле во Мадрид не преговори со Лука Модриќ, тврди денеска шпанскиот дневен спортски весник Марка.

Со оглед на тоа шо наскоро ќе наполни 40 години, јасно е дека се ближи крајот на престојот на хрватскиот ас во Реал, но Модриќ сакаше таму да ја заврши кариерата и идната сезона како член на мадридскиот гигант да настапи на Светското првенство. Плановите на Флорентино Перез изгледа се поинакви бидејќи досега нема ни најави за продолжување на договорот кој истекува на крајот од оваа сезона.

На Реал веројатно му претстои подмладување претстојното лето, но се уште е рано да се каже дали Модриќ влегува во плановите. Веројатно улога игра и тоа дали на клупата ќе остане Карло Анчелоти бидејќи теоретски е можно Италијанецот да добие отказ ако Реал не освои ниеден трофеј.

Претходните две години Модриќ добиваше понуди од Блискиот Исток, една од нив изнесуваше 80 милиони евра за две сезони, но тој не прифати да замине и да го напушти Реал.