Маестралниот Дончиќ го растури најдобриот тим на Западот во НБА (ВИДЕО)

Кошаркарите на ЛА Лејкерс изненадија на гостувањето кај Оклахома Сити Тандер, совладувајќи го лидерот на Западната конференција со убедливи 126-99 во синоќешниот натпревар од НБА лигата.

„Езерџиите“ со оваа победа направија голем исчекор во трката за третото место, израмнувајќи се со Денвер, Голден Стејт, Минесота и Мемфис. За „громовите“, пак, ова беше втор пораз по ред, но и покрај тоа, тимот останува на врвот на конференцијата. Лејкерси доминираа од самиот старт, а во втората четвртина стигнаа и до предност од плус 29. На полувремето имаа дури 78 постигнати поени – скоро колку што постигнаа на целиот прв меѓусебен меч од сезоната (93). Особено впечатлива беше реализацијата на шутот за три поени – 15 погодоци од 22 обиди во првото полувреме.

Најефикасен во редовите на Лејкерс беше Лука Дончиќ со 30 поени, седум скока и шест асистенции. Поддршка доби од Остин Ривс со 20 поени и Леброн Џејмс со 19 поени и седум асистенции. Кај домаќините, Шеј Гилџес-Александер постигна 26 поени и подели девет асистенции, а Џејлен Вилијамс додаде 16 поени и шест скока.

ФОТО: EPA PHOTO