
„Каталонците“ грмат и покрај победата: Ист судија, иста ситуација - различна одлука (ВИДЕО)
Длабоко во судиското продолжение, Леванте доби пенал откако Алехандро Балде изблокира еден удар. Главниот судија Алехандро Ернандез Ернандез по прегледувањето на ВАР снимката заклучи дека бекот на Барса играл со рака и дека треба да покаже на белата точка по што Моралес ги доведе домашните во водство од 2-0.
Барса подоцна успеа да постигне три гола, но одлуката на главниот судија не помина без критики. И фудбалерите на Барселона и новинарите од Каталонија се присетија на последниот дуел против Реал од минатата сезона кога Орелиен Чуамени играше со рака пред својот гол, но не беше досуден пенал за Барса. Куриозитет е тоа што и тој меч го водеше истиот судија кој вчера ревносно покажа на белата точка, а тогаш се бранеше дека Французинот бил погоден во рака иако таа му беше јасно одвоена од телото.
Дури и Педри кој обично е мирен, по натпреварот ја искоментира ситуацијата и ја стави под прашање одлуката на Ернандез Ернандез, објаснувајќи ги новите околности околу правилата.
„Пред неколку дена Фудбалската федерација ни одржа предавање за новите правила во оваа сезона и особено стави акцент на пенали кои ќе се свират за игра со рака. Нам минатата сезона не ни беше досуден пенал во Ел Класико кога Чуамени удри топка со рака што му беше испружена и во неприродна положба. Но, судијата сега против нас покажа на белата точка иако топката го погоди Балде во рака која му беше при телото. За мене ова не е пенал, особено имајќи ги предвид новите правила за кои ни зборуваа. Мене искрено ништо не ми е јасно и сите очекуваме објаснување што се случува“, рече Педри.
И поранешниот шпански судија Матеу Лахос јавно ја оспори одлуката на Ернандез Ернандез, велејќи дека раката на Балде не била испружена и дека тој не можел да ја повлече уште повеќе од тоа што е случај во моментот. Порталот Archivo VAR кој ги анализира одлуките на судиите во Шпанија од оваа сезона, на Ернандез Ернандез му додели оценка 3 (најдобрата е 10) токму поради покажаниот пенал за Леванте.