Јовиќ е утка на 21-от век во Реал Мадрид – секој негов гол чини 30 милиони евра!

Српската ѕвезда Лука Јовиќ ланското лето дојде во Реал Мадрид за 60 милиони евра од Ајнтрахт Франкфурт и требаше да биде големо засилување на „кралскиот клуб“, ама од младиот напаѓач на „Сантјаго Бернабеу“ не видоа ништо и најугледниот шпански весник „Марка“ го прогласи за – најголема утка во 21-от век во мадридскиот великан.

Јовиќ не се снајде во Реал, немаше ни голема минутажа, имаше и пехови со повреди, па неговото заминување од клубот е веќе извесно, а „Марка“ пресмета едноставно дека Реал практично на Јовиќ му дал по 30 милиони евра за гол. Не е ни тешко да се заклучи, зашто Србинот даде само два, а во шпанската престолнина очекуваа барем 15-ина.

„Да се биде напаѓач на Реал е голема одговорност, ама и голема предност кога играте во тим кој постојано напаѓа, дава многу голови и лесно доаѓа во шанси. Затоа кога Лука Јовиќ ќе даде два гола, тоа е за да се вклучи 'алармот'. За некој кој е платен 60 милиони евра, тоа е ужасен учинок. Со други зборови, за секој гол Реал го платил Јовиќ по 30 милиони евра. А, ако се земе дека головите што ги даде со Леганес и Осасуна во високи победи со 5-0 односно 4-1, е уште потрагично, зашто немаа некој посебен значај во победите. За жал, за Јовиќ повеќе се зборуваше што прави надвор од теренот, отколку на него“, пишува „Марка“.

Весникот додава дека сите напаѓачи што дошле во новиот милениум во Реал, а не сите имале импознатни броји, сепак се подобри од (пре)скапото засилување од ланското лето.

„Сите се подобри од Јовиќ. Не мора да одиме подалеку низ годините, само треба да се види 2018/19 и Маријано Дијаз. И тој не доби голема шанса, а даде двојно повеќе од Јовиќ (четири гола). Дури Маријано и кога дојде Јовиќ не реши да си замине, иако беше последна напаѓачка опција, зашто и самиот веруваше дека е подобар од Србинот. Два гола во деби сезона даде Гонзало Игуаин, ама тој дојде во јануари и чинеше десетпати помалку од Јовиќ, ама во следната сезона имаше многу поголем голгетерски ефект. Од 'утките“ како Емануел Адебајор или Клас-Јан Хунтелар, бројките се далеку од Јовиќ – по осум гола“, додава шпанскиот весник.