„Излажав за процентите – ни треба само перфектен меч и ќе го елиминираме Реал!“

Предводникот од клупата на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, призна дека лажел кога изјавил дека неговиот тим има само „еден процент“ шанса да го елиминира Реал Мадрид во Лигата на шампионите.

Овие два тима вечерва ќе ги одмерат силите во реванш-пресметката на „Сантијаго Бернабе“.

„Излажав за еднопроцентната шанса. За првпат излажав“, изјави Гвардиола со насмевка на лицето.

„Граѓаните“ загубија на првиот натпревар на „Етихад“ (2-3), а тренерот на Реал, Карло Анчелоти, се пошегува дека дури и Гвардиола не верува во својата проценка. Сепак, каталонскиот стратег истакна дека неговиот тим има шанса, но само ако одигра на највисоко ниво.

„Мораме да одиграме речиси перфектен натпревар ако сакаме да го елиминираме Реал“, порача Гвардиола, додавајќи дека неговиот тим мора да биде храбар и да се држи до својата игра.

Формата на Сити во Премиер лигата не влева оптимизам, но тимот доби позитивни вести – Ерлинг Халанд, кој беше отсутен поради повреда на коленото, се врати на тренинг. Со екипата патуваат и Рубен Дијаш, Нејтан Аке и Џек Грилиш, кои пропуштија натпревари поради повреди.

„Ќе видиме дали ќе играат, но добро е што се тука“, истакна Гвардиола.

Тој призна дека гостувањата на „Бернабеу“ секогаш носат предизвици.

„Имам неверојатни спомени – некои многу добри, некои не толку. Но, едно е сигурно – тука никогаш не е лесно“, заврши шпанскиот стратег.