Италијанските политичари ја прекинуваат Серија А?!
Причина за ваквата загриженост е синоќешната информација за дури 14 нови случаеви на коронавирусот во таборот на Џенова, од кои дури 11 се фудбалери, меѓу кои има и шестмина кои настапија на неделниот натпревар против Наполи. Во викендот што претстои, тимот за кој игра Горан Пандев ќе треба да се сретне со Торино, додека екипата на Елиф Елмас го има големото дерби против Јувентус. Фудбалерите од Неапол допрва треба да се тестираат и ако и кај нив има позитивни тогаш сѐ пореално е да се очекува дека шампионатот може да биде суспендиран.
Ситуацијата во италијанскиот фудбал будно се следи и во стручниот штаб на репрезентацијата на Македонија, со оглед што во центарот на хаосот со коронавирусот се двајца наши големи адути за претстојниот историски дуел со Косово, закажан за 8 октомври на арената „Тодор Проески“. Засега не е познато дали Пандев е меѓу позитивните во Џенова, ниту, пак, дали Елмас успеал да избегне пренесување на вирусот за време на неделната пресметка.