Хет-трик на Дориев за зацврстување на првото место на листата на стрелци (ВИДЕО)
Согдијана славеше на гостувањето кај Машал со убедливи 3-1, а Дориев ги постигна сите три гола за својот тим што е негов прв хет-трик оваа сезона. Нашиот фудбалер го отвори резултатот во петтата минута, потоа погоди од пенал во 48. и зголеми на 3-0 по точно еден час игра. Домаќинот дојде до почесен гол во судиското продолжение.
Со овој хет-трик, струмичанецот стигна до 11 гола оваа сезона и се зацврсти на првото место на листата на стрелци во првенството на Узбекистан, со два повеќе од второпласираниот Хожимирзаев од Динамо Самарканд кој викендов погоди двапати.
Интересно е тоа што Дориев досега постигна безмалку половина од вкупниот број голови на Согдијана (26), но неговата одлична форма не се огледа во резултатите бидејќи тимот се бори за опстанок и има 15 бода со кои се наоѓа на 13. место од вкупно 16 екипи во лигата.