„Има огромен интерес за Елмас, не само од Премиерлигата, туку и од Шпанија и Германија“

Менаџерот на македонскиот „дијамант“ Елиф Елмас, Џузепе Гарди призна дека постои огромен интерес за нашиот репрезентативец, но каква ќе биде иднината ќе зависи и од новиот тренер на Наполи, но и од желбите на раководството на новиот италијански првак.

Елмас во последно време го сврте вниманието на најголемите клубови, ланското лето беше заинтересиран Милан, зимоска Ливерпул, но македонскиот „дијамант“ остана во Наполи и сезонава иако како „џокер“ имаше силен придонес во освојувањето на првото скудето за Наполи по 33 години со шест гола и три асистенции.

„Мислам дека Елиф е многу потценет фудбалер, а станува збор за млад играч кој има огромно искуство зашто веќе четири години игра на највисоко ниво. А, има огромен интерес за него, зашто е поливалентен фудбалер, кој може да игра на четири позиции. Пред него е голема иднина, но ќе следи евалуација со новиот тренер на Наполи, ќе видиме дали тој ќе верува во Елиф, секако и со раководството. Во зависност од тоа ќе бараме решение. И нема интерес за Елмас само од Премиерлигата, туку и од Ла Лига и од германски бундеслигаши“, рече Гарди.

Наполитански новинари неодамна објавија дека Елмас сака да си замине од Наполи, ако не игра поголема улога во новата сезона, пред сѐ да биде повеќе стартер, а помалку резерва. Има договор до 2025 година, се најавуваше дека Наполи подготвува нова понуда, па оттаму Аурелио де Лаурентис ако се реши да го продаде ќе се обиде да извлече многу пари.

Елмас во Наполи дојде во летото 2019 година на барање на Карло Анчелоти, за 16 милиони евра од турски Фенербахче.