Халанд е машина за голови: Влезе од клупа и даде два гола (ВИДЕО)

Борусија Дортмунд немаше никакви проблеми против Келн и славеше со убедливи 5-1 во рамки на првиот натпревар од 19.коло во Бундеслигата. 

Рафаел Гереро, Марко Ројс и Џејдон Санчо ја најавија победата на „милионерите“. Марк Ут погоди за гостите и за момент го ублажи резултатот, но потоа во игра влезе Ерлинг Халанд.

Младиот Норвежанец, кој минатото коло постигна хет-трик од клупа, вечерва погоди два пати. Зголеми на 4-1 во 77-та минута, а стави точка на натпреварот десет минути подоцна. За само 60 одиграни минути на два натпревари, Халанд постигна пет погодоци.