„Халанд е голем талент, но во Баерн би ја греел клупата“

Ерлинг Халанд играше неверојатно за Салцбург, а голгетерската форма ја продолжи и во дресот на Борусија Дортмунд по јануарскиот трансфер. 

Дефинитивно се работи за еден од најголемите таленти во светскиот фудбал, кој во иднина може да конкурира и за „Златната топка“. Сепак, во моментов тој би бил само резерва во таборот на Баерн Минхен, смета поранешен фудбалер на „баварците“.

„Халанд е специјален талент, тој прави постигнувањето на голови да изгледа многу лесно, а впрочем тоа е најтешкото нешто“, вели Овен Харгрејвс. „Неговиот гол против Шалке по еден центаршут од десно изгледаше многу лесно. Тој е навистина добар фудбалер, но и Левандовски е страшен играч во Баерн. Веќе го постигна 40-тиот гол сезонава. Па дури и да го имате Халанд, во моментов во Баерн не би можел да игра во првиот тим, само бидејќи во нападот играат со еден голгетер“, додава Англичанецот.

Левандовски е супер голгетер, но веќе има 31 година, додека Халанд 19. Нема да биде чудно ако за сезона или две, „баварците“ се обидат да дојдат до услугите на младиот Норвежанец.