Гвардиола: Светот се распаѓа, а ние тука зборуваме за „црна магија“

Манчестер Сити в недела од 17:30 часот на „Вембли“ ќе се соочи со Арсенал во финалето на Лига купот, а пред овој натпревар шпанскиот стратег зборуваше и за својот ривал.  

Новинарите имаа прашање и за т.н „црна магија“ на Арсенал, алудирајќи на прекините и тактичките трикови кои ги користи тимот на Артета кој сезонава е и тоа како опасен од таквите ситуации.

„Дали ме слушавте кога зборував за Арсенал и „црната магија’? Одете во Лондон и прашајте го Артета. Тренерите имаат право да прават што сакаат, луѓето зад сцената ја местат играта како што им одговара. Погледнете што се случува во светот, станува сè поголем хаос, а никој не реагира. Сè се одвива зад сцената. Светот се распаѓа, а ние зборуваме за „црна магија“. Постојат многу поважни работи од тоа“, изјави Гвардиола.

Шпанскиот стратег има 55 години и до крајот на годината ќе ја надмине бројката од 1000 натпревари на клупата. Со Манчестер Сити освои шест титули во Премиер лигата, како и една Лига на шампиони, а неговиот договор со клубот има важност до 2027 година.