Жолтата боја се врати: Македонија со нов дрес ќе го брка мундијалскиот сон! (ФОТО)

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го објави дресот со кој Македонија ќе настапи против Данска во Копенхаген на 26 март во полуфиналниот бараж за пласман на Светското првенство (СП).

Откако претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ пред неколку дена објави фотографија на која се гледа само дел од дресот на Македонија, денеска беше објавен целосниот изглед и може да се забележи дека доминира жолтата боја, додека има и црвени ленти.

„По деценија тишина - повторно во жолто. Боја што не е само избор, туку чувство. Боја што ја баравте. И ја враќаме - заедно. За плеј-оф битките за Светско првенство, македонската репрезентација ќе настапи во нов дрес“, објави ФФМ.

Натпреварот меѓу Данска и Македонија се игра на 26 март од 20.45 часот.