Работнички му пресуди на Силекс, Тиквеш со шест гола ја декласира Брера (ФОТО+ВИДЕО)
Екипата од Дебар Маало тргна одлично во пресметката со кратовчани, а двата гола во првото полувреме беа дело на Јован Попзлатанов.
Попзлатанов успеа да донесе предност во 13. минута од натпреварот, а потоа го зголеми водството на „романтичарите“ во 34. минута, кое се покажа и како конечно до крајот на средбата затоа што Силекс не успеа да ја анулира негативата.
Тиквеш беше неверојатен против Брера, а дуелот го отвори со мајсторија на Мартин Стојанов, кој со „ножички“ погоди во 10. минута од натпреварот.
Брера набрзо го возврати ударот преку Макиќ и израмни на 1-1, но тоа ги налути домаќините, кои извршија голем притисок и стрелаа уште три пати до крајот на првиот дел. Најпрво Стојилевски постигна автогол, а потоа стрелаа Стојанов и Тасев.
Лучианињо беше стрелецот на петтиот гол во 49. минута од натпреварот, по што Тиквеш до крајот постигна уште еден погодок (6-1). Головите може да се погледнат ТУКА.



