Гвардиола: Лекарите толку се жртвуваа, можеме барем да ги послушаме!

Еден од најдобрите тренери на денешницата, Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити преживеа ужасен период во екот на пандемијата со коронавирус, зашто од опасната зараза ја загуби својата мајка, која почина од Ковид-19.

Гвардиола во ек додека се преговара за рестартот на Премиерлигата, преживувајќи семејна трагедија од борбата со опасниот вирус, посочи дека сите во фудбалската индустрија на Островот мора да се потрудат да ги испочитуваат лекарите на начин, што ќе ги послушаат сите нивни совети и препораки, зашто тоа е единствен начин да се искаже благодарност за нивната битка во првата борбена линија.

„Едноставно е – мора да ги следиме сите препораки. Од А до Ш. Тоа е најважно. Лекарите се неверојатни, како и медицинските сестри, научниците, чистачите... Буквално сите. Тие луѓе се жртвуваат за да ги спасат нашите животи и сега наше е само да ги слушаме. Многу е просто. Ако речат носете маски – ќе носиме маски. Ако речат седете дома – ќе седиме дома. Ако речат држете дистанца, мора така да се однесуваме. Сите лекари во светот се жртвуваа за нашите животи, неверојатно е тоа што го направија и мора да ги слушаме. Не смееме да направиме ништо погрешно“, вели Гвардиола.

Манчестер сити нема одиграно меч од 8 март и до крајот на сезоната во која практично ја загубија титулата им преостануваат уште десет рунди во Премиерлигата. Англија веќе дозволи ограничени тренинзи во мали групи, а сега се очекува дозволата за тимски тренинзи, како последна фаза пред да се рестартира првенството.