Газди на два калчолигаши не се убедени дека Серија А ќе се доигра

Газди на два калчолигаши, Торино и Фиорентина не се преголеми оптимисти дека италијанската Серија А ќе се доигра до крајот на летово, откако веќе извесно е дека УЕФА ќе ја пролонгира сезоната утре до август годинава.

Дали веќе песимизмот надвладеа или тоа е реалноста со срашната пандемија која одзема многу животи на Апенините, но двајцата газди се свесни дека во ситуација во која не стивнува борбата со опасниот вирус, а во земјата веќе бројката на починати стигна до 11.500, тешко дека има и потенцијал, сигурност, ама и желба за фудбал во ваков трагичен момент.

„Јас мислам дека во моментов прво треба да мислиме на здравјето, а потоа на сè друго. За фудбал има време, ќе зборуваме подоцна. Ние прво треба да видиме дали воопшто може да се вратиме на тренинг, а потоа да зборуваме дали ќе играме фудбал. Но, вака како изгледа, повеќе делува дека се соочуваме со сериозна можност – воопшто да не играме“, вели Роко Комисо, првиот човек на „виолетовите“.

Неговиот колега од Торино, Урбано Каиро, исто така е на ист став, дека фудбалот моментно е во втор план и никој не може да предвиди како ќе се развива ситуацијата. За него, проблем не е само довршувањето на сезоната, туку и кога би почнала новата сезноа.

„Ако зборуваме за фудбалот, тогаш да претпоставиме дека на тренинг би се вратиле кон крајот на мај, а тоа би значело сезоната да се рестартира кон крајот на јуни. Би играле во јули и август. Но, што потоа? После сите на одмор еден месец, па еден месец подготовки, па новата сезона да почне во ноември. Тешко е тоа да се реализира - нереално“, вели Каиро