Фудбалерот-херој – се вратил во пожарот во Кран Монтана за да ја спаси девојката!

Херојски чин во средината на една од најголемите трагедии во поновата историја на Швајцарија, откако дојде објаснување дека левиот бек на Мец, Тахирис дос Сантос (19), се здобил со тешки изгореници зашто свесно се вратил во огнот за да ја спаси својата девојка за време на стравичниот пожар во барот во Кран-Монтана.

И покрај сериозните повреди, тој се наоѓа во постабилна состојба и покажува знаци на опоравување. Охрабрувачките информации ги потврди неговиот агент Кристоф Хито, кој откри дека фудбалерот првично успеал да излезе од запалениот објект, но кога сфатил дека неговата девојка е заробена внатре, без двоумење се вратил во огнената стихија. Трагедијата се случила во новогодишната ноќ, кога пожар предизвикан од огномет избувнал во подрумот на локалот и за кратко време се проширил. Според официјалните податоци, во катастрофата загинале 47 лица, а околу 150 биле повредени, меѓу нив и Дос Сантос, кој е првиот спортист официјално евидентиран меѓу настраданите.

„Тој не е само жртва, туку и вистински херој. Излезе од тој пекол, а потоа се врати за да ја спаси девојката“, истакна Хито, додавајќи дека младиот фудбалер има изгореници на околу 30 проценти од телото, но може да зборува, разбира и дише речиси нормално, без потреба од респиратор.

Тренерот на Мец, Стефан Ле Мињан, исто така испрати порака на поддршка.

„Веруваме дека сè ќе биде во ред и се надеваме дека ќе се врати на терените во наредните месеци. Тој е примерен играч и со право капитен на резервниот тим“, изјави Ле Мињан.

Младиот дефанзивец досега настапуваше за резервниот тим на Мец, каде ја носеше капитенската лента, а кон крајот на декември за првпат беше дел од клупата на првиот тим во натпревар од Купот на Франција. Неговиот херојски чин, сепак, далеку го надмина фудбалот и го направи симбол на храброст во една од најмрачните ноќи во швајцарското скијалиште.