Флорентино пак го понижи Раул - легендарниот голгетер по вторпат си замина од Реал

Поранешниот капитен и голгетер на Реал Мадрид го напуштил шпанскиот гигант каде го водеше вториот тим откако воопшто не бил во комбинација за тренерската функција по заминувањето на Карло Анчелоти.

Иако се уште нема официјална потврда, извесно е дека италијанскиот стручњак ќе биде заменет од Чаби Алонсо кој претходните две сезони го водеше Баер Леверкузен и со него освои двојна титула во германскиот фудбал и стигна до финалето од Лигата Европа. Шпанските медиуми тврдат дека основна причина поради која Раул не ја добил довербата е тоа што нема искуство во сениорскиот фудбал, но очигледно проработела суетата кај третиот стрелец во историјата на клубот и тој одлучил да си ја бара среќата на друго место. Ова е негово второ заминување од Реал, првото беше во 2010 година кога исто така Флорентино Перез не сакаше да му го продолжи договорот и шпанската легенда беше принудена да замине во Шалке без отштета.

Пред неколку години за Раул беа заинтересирани Севиља и Виљареал, но тој тврдоглаво очекуваше да го наследи Анчелоти. Сега ќе мора по потешкиот пат да влегува во сениорскиот фудбал и да го следи примерот на Цеск Фабрегас кој немаше искуство пред да го преземе Комо и со него да се пласира во Серија А. Проблемот е што Раул наскоро ќе наполни 48 години, една деценија е повозрасен од Фабрегас и нема многу време за да се докажува.