Галевски: Едно е сигурно – летово нема да одам на одмор во Грција!

Младиот голман на Алкалоид, Иван Галевски, кој беше клучен во победата во првиот финален меч од Европскиот куп против АЕК 29-25) во Атина пред неделниот реванш е сигурен во една работа – дека летово нема да оди во Грција.

Причина за ова, меѓу другото, е се тензиите со грчките навивачи по неговата блескава партија на првиот финален натпревар и петте одбрани на ударите од седум метри.

„На одмор летово нема да одам во Грција, туку нешто подалеку“, изјави Галевски со насмевка, алудирајќи на тензиите со грчките навивачи по неговата блескава партија на првиот финален натпревар.

Тој предупредува дека и покрај предноста со четири голови, сепак, ништо не е завршено.

„АЕК е тим со многу искусни и квалитетни играчи. Ќе биде тешко, иако имаме позитива. Но, имаме нешто што ни недостасуваше во Атина – нашата публика. Ако го следиме планот на тренерот и одиграме како што знаеме, верувам дека ќе славиме“, рече Галевски, полн со оптимизам пред историскиот натпревар.

Алкалоид досега има совршен учинок на домашен терен во оваа сезона од ЕХФ Европскиот куп и сите очекувања се насочени кон продолжување на таа победничка серија – и освојување на првиот европски трофеј во клупската историја.