„Едно разговаравме со Чурлинов, а излезе сосема друго – се надевам ќе го направи правиот потег“

Младинскиот репрезентативец Дарко Чурлинов, кој завчера даде два гола за надежната селекција до 21 година во убедливите 7-1 против Фарски Острови денеска ќе преговара за новиот договор што германскиот бундеслигаш Келн му го понудил, откако неочекувано голем проблем искрсна во последните денови на релација клуб – фудбалер.

Чурлинов веќе неколку години е дел од младинскиот тим на „јарците“, а годинава е регистриран за првиот тим и веќе дебитираше во Бундеслигата, на отворањето на новата сезона против Волфсбург, кога доби 20 минути. Но, од тој меч, македонскиот репрезентативец не доби шанса ниту да биде резерва, па играше за младинскиот тим на Келн, но не е најзадоволен.

Чурлинов и Келн денеска треба да имаат разговори за проблемот, а тренерот Ахим Бајерлорцер вели дека се надева на позитивно решение, но открива дека сè е во рацете на макеоднскиот фудбалер.

„Вратата од наша страна е отворена. Јас се надевам дека Дарко ќе го направи вистинскиот потег и ќе остане. Ќе разговараме, зашто друга опција и идеа за ситуацијата не постои. Чурлинов штотуку се врати од Македонија“, вели Ахим Бајерлорцер, тренерот на „јарците“.

Проблем е што Чурлинов не сака да игра за младинскиот тим и бара постојано да биде дел од првиот тим, но тренерот посочува дека клубот има свои граници и дека не може да прифати условувања, додавајќи дека веќе има понуда до Чурлинов за продолжување на соработката.

„Имаме различни видувања околу неговиот иден развој. Има разговори за продолжување на соработката, а Дарко има уште младински договор до 2020 година. Ние му понудивме нешто, но во тие разговори излезе нешто сосема контрадикторно од тоа што претходно го разговаравме со Чурлинов. Се разбира ќе има преговори, бараме решение, но клубот до одредена мера има своја граница и не може 18-годишно момче да решава каде сака да тренира“, додава Бајерлорцер.

На крајот на преодниот рок се појави информација дека второлигашот Штутгарт го сака Чурлинов како засилување, но од таков трансфер не испадна ништо, но сега Келн се соочува на лето да го загуби младиот талент како слободен фудбалер. Чурлинов е најмладиот македонски дебитант во А-селекцијата, а овој месец беше прекомандуван во младинскиот тим поради стартот на квалификациите на надежите, но и фактот дека во сениорската репрезентација нема да има минутажа како кај неговите врсници.