Допрва Перез ќе збесне: Трансферот на Азар во Реал Мадрид го саботирал – Зидан?!

Белгиската суперѕвезда Еден Азар беше голема желба на европскиот првак Реал Мадрид и добредојдена замена за најдобриот светски фудбалер Кристијано Роналдо по заминувањето на Португалецот во Јувентус. Но, преку ноќ трансферот пропадна, иако според сите информации на медиумите во Европа беше буквално пред реализација.

Азар уште пред СП во Русија објави дека Реал е привлечен, дека по шест години во Челси време е за нов предизвик и дека „кралевите“ знаат што треба да направат. Се пишуваше дека постои „усмен договор“, а дека Азар со желба да замине треба да издејствува помала откупна клаузула и во пакет со Тибо Куртоа да дојде на „Сантјаго Бернабеу“. Сето тоа практично се најави како – завршена работа. И одеднаш пропадна.

Сега медиумите објавуваат дека пречка за трансферот всушност бил – Зинедин Зидан. Поранешниот тренер на Реал, под чија палка за две ипол години „кралевите“ освоија три европски титули по ред го саботирал трансферот на Азар на „Бернабеу“, Според „Дон Балон“, Зидан бил во контакт со Азар и по заминувањето од кормилото на мадридскиот великан, а разговарале и по завршувањето на СП, каде Белгиецот со својата селекција ја освои бронзата.

Тогаш Зидан му посочил дека шансите Реал да го купи се премали и дека тој не треба да се надева на трансферот, од причина што првиот човек Флорентино Перез немал преголема доверба дека е толку големо име кое може да го наследи и замени Кристијано Роналдо. Зидан му посочил на Азар и дека треба да ја освои „златната топка“ за да го убеди Перез и да му го смени мислењето дека е достоен да биде ѕвезда на мадридскиот клуб.

Интересно ова што го објавува „Дон Балон“ се поклопува со периодот кога спласна „сапуницата“ со вести по медиумите за Азар. Шпанскиот магазин потенцира дека Перез е човек познат по високите стандарди, а Зидан е идол на Азар, кој како дете навивач за виртоузот, кој во 1998 година ја освои првата светска титула за Франција.

Останува да се види дали оваа приказна ќе добие продолжение или експресен демант од Зидан и Азар.