Дел Пјеро распука по својот поранешен клуб: Овој Јувентус нема идентитет

Најтрофејниот италијански клуб веќе 29 години нема титула во Лигата на шампионите, но и пет сезони се мачи да ја врати својата доминација во Серија А.

Во италијанскиот фудбал се сменија работите, па последните години „орото го водат“ Интер, Милан и Наполи, додека Јувентус треба да биде среќен ако се избори за место во Лигата на шампионите. Составот на „бјанконерите“ не дава многу надеж дека работите ќе се сменат, во екипата повеќе не играат фудбалери како Дел Пјеро, Буфон, Трезеге, Недвед, Кјелини итн., туку тоа се или преценети ѕвезди или фудбалери во надоаѓање како турскиот репрезентативец Кенан Јилдиз.

Свесен за недостатокот на квалитет е дури и легендарниот Алесандро дел Пјеро кој ги лоцира проблемите со кои се соочува екипата.

„Јувентус бара нешто, но уште не е јасно што. Имаше многу промени, знаеме што се случуваше минатата сезона и во текот на летото. Тудор, искрено, не беше прва опција за тренер, дојде на кратко за да ја заврши сезоната што ја почна Мота. На екипата ѝ е потребен идентитет, а Јувентус во овој момент го нема“, смета Дел Пјеро.

Во моментов Јувентус е на седмото место во Серија А и е без победа веќе четири кола, а во Лигата на шампионите ја држи 25. позиција со само два бода во првите три кола.