
АБА самата призна: Судиите го ограбиле МЗТ на гостувањето во Никшиќ!
Според нивниот извештај, судиите направиле две крупни грешки кои директно влијаеле на конечниот резултат, со што македонскиот првак бил сериозно оштетен, па дури и дрско ограбен со оглед што двете грешки се случиле во последните 90 секунди
До првата грешка дошло на 1:22 минута пред крајот, кога по второто слободно фрлање на играчот на Сутјеска, Миљаниќ, топката се одбила од обрачот и сè уште имала шанса да влезе во кошот, во моментот кога Чарлс Гил од МЗТ Скопје го допрел обрачот со рака. Судиите тогаш му доделија два поени на тимот од Никшиќ, но според објаснувањето на Судиската комисија, тоа било погрешна одлука, бидејќи при ваков прекршок за време на слободно фрлање треба да се запише само еден поен.
Втората спорна ситуација се случила точно една минута пред крајот, кога Тадиќ од Сутјеска, по преземањето на топката во предниот дел на теренот, направил повратна топка преминувајќи во задниот дел додека сè уште ја држел топката. И оваа ситуација не била санкционирана од страна на судиите, што е потврдено како втора грешка во официјалниот извештај.
Овие грешки нема да ја променат исходот на мечот, а единствено можно е да следува казна за судиската тројка. Сепак, тоа тешко дека ќе ја намали разочараноста кај екипата на МЗТ Скопје, која поради овие пропусти остана без шанса да се избори за победа во завршницата во Никшиќ.