Дебакл за паметење: Џенова прими десет гола од премиерлигаш во пријателски меч!

Калчолигашот Џенова доживеа вистинска катастрофа во текот на летните подготовки, откако загуби со неверојатни 10-1 од англискиот премиерлигаш Бормут на контролен натпревар одигран зад затворени врати во тренинг-центарот на англискиот клуб.

По договор меѓу двата клуба, средбата траеше 120 минути и беше поделена на четири периоди од по 30 минути. Во првиот час од играта избраниците на Даниеле Де Роси примија четири гола, а единствениот погодок за италијанскиот тим го постигна Микаел Ејлертсон. Во вторите 60 минути, кога двајцата тренери направија бројни измени и им дадоа шанса на помладите фудбалери, Бормут продолжи со доминацијата и уште шестпати ја затресе мрежата на Џенова за конечни 10-1.

Иако Бормут зад себе има одлична сезона во која го освои шестото место во Премиер лигата и обезбеди настап во Лигата на Европа, убедливиот пораз претставува сериозно предупредување за Џенова во пресрет на новата сезона. Ова е прв пораз за тимот на Даниеле Де Роси во подготвителниот период, а италијанскиот стратег ќе има многу работа за да ги исправи слабостите пред следната контролна средба против шпански Депортиво Ла Коруња.