Црвена звезда сензационално се засили со најефикасниот фудбалер во Европа!

Српскиот шампион, екипата на Црвена звезда, обезбеди фантастичен напаѓач за вториот дел од сезоната, откако уште сега го договори јануарскиот трансфер на најефикасниот европски фудбалер во моментов, Охи Омоиџуанфо, кој се уште настапува за Молде.

Станува збор за Норвежанец со нигериско потекло, кој на 20 средби сезонава во норвешкото првенство постигна 18 голови, со што засега е прв на листата најдобри голгетери, пред се поради фактот што неговиот тим има одиграни многу повеќе средби од останатите европски конкуренти.

Охи во моментов има 30 бодови на листата за „Златка копачка“, со оглед што головите во норвешкото првенство се множат со коефициент 1,5, додека головите во најдобрите лиги се множат со коефициент два. Без разлика на крајниот пласман на листата најдобри стрелци, Ц. Звезда во Омоиџуанфо добива фантастичен офанзивец, кој и тоа како ќе им помогне во одбраната на српската круна.