Чудна ситуација пред каталонското дерби: Еспањол оди на Камп Ноу без победа во 2026 година

Денеска од 18:30 часот на Камп Ноу се игра дербито на Каталонија во кое Барселона ќе го пречека својот градски ривал Еспањол.

Колку и да звучи чудно, во овој момент, мечот нема никакво значење за двете екипи бидејќи Барса има голема предност пред Реал и е фокусирана на реваншот од Лигата на шампионите против Атлетико, додека Еспањол е сигурен на средината на табелата, без шанси да се пласира во европските купови, но и без опасност да испадне. Во такви услови, вниманието го предизвикува еден куриозитет, врзан за екипата на Еспањол кој во првиот дел од сезоната играше одлично и дури беше во конкуренција за пласман топ-4.

Иако е во тек четвртиот месец, тимот од Корнеља дел Прат се уште нема победа во 2026 година. Уште во декември испадна од Копа дел Реј, па игра само во Ла Лига, а досега на 13 натпревари, доживеа осум порази и пет пати одигра нерешено. Последната победа датира од 22 декември кога како гостин го совлада Атлетик Билбао, а лошата серија почна токму против Барселона, на 3 јануари на домашен терен.

Може да се очекува дека денеска Барселона ќе почне со драстично изменет состав, со многу ротации со цел фудбалерите да останат здрави за дуелот со Атлетико во вторник. Поради тоа Еспањол може да се надева на прекин на црната серија во дуелите со Барса имајќи предвид дека последната победа против својот градски ривал на првенствен натпревар ја оствари на 21 февруари 2009 година.