Реал развеа бело знаме, Барса утре може да отиде на +9 (ВИДЕО)

Реал Мадрид направи уште еден кикс во шпанското првенство и речиси се предаде во борбата за шампионската титула во Ла Лига.

На домашен терен, „кралевите“ одиграа само 1-1 со Жирона и ако утре Барселона го победи Еспањол, разликата со каталонскиот клуб ќе изнесува девет бода на седум кола пред крајот на сезоната. Ова е трет кикс на Реал пред своите навивачи оваа сезона откако минатиот месец загуби од Гетафе, а претходно и од Селта.

Се чинеше дека мадридскиот тим некако ќе успее да дојде до триумфот вечерва и покрај немотивираноста пред реваншот со Баерн бидејќи Валверде на стартот од првото полувреме го доведе во водство од 1-0. Сепак, радоста кратко траеше бидејќи Лемар израмни десетина минути подоцна со фантастичен удар, а Реал до крајот не успеа уште еднаш да го пронајде патот кон мрежата.

Интересно е тоа што во дуелите со Реал и Барселона оваа сезона, Жирона само еднаш беше поразена и тоа од Барса, со гол во судиското продолжение на Араухо. Со Реал два пати одигра нерешено, а својот каталонски ривал го совлада на домашен терен со 2-1.