Милан „загриза“ за Левандовски, ама сѐ зависи од Лигата на шампионите

Екипата на Милан испадна од борбата за шампионската титула бидејќи на седум кола пред крајот на сезоната во Серија А има девет бода помалку од Интер, но се уште има надеж дека ќе успее да избори пласман во Лигата на шампионите.

Предноста во однос на петтопласираниот Јувентус изнесува шест бода поради што од голема важност е денешниот меч против Удинезе на домашен терен. Сепак, до крајот на сезоната Милан ќе се бори за местата кои водат во Лигата на шампионите, а исходот од оваа битка е важен и за трансфер стратегијата во текот на летото.

Ако се пласира во елитното натпреварување, загарантирани му се околу 70 милиони евра, сума со која може да влезе на пазарот и да се обиде да донесе големо засилување. Целта е Роберт Левандовски кому претстојното лето му истекува договорот со Барселона и може како слободен играч да го напушти Камп Ноу. Отштета нема да има, но платата на Полјакот во Барса во моментов изнесува 26 милиони евра, заедно со бонусите, сума која Милан ќе мора да ја израмни ако сака да го донесе во своите редови и покрај тоа што Левандовски во август ќе наполни 38 години.

Пласманот во Лигата на шампионите е важен и поради иднината на Пулишиќ и Модриќ. Двајцата би останале само ако „росонерите“ играат во најсилното европско натпреварување.