Чаби Алонсо доби поддршка од играчите, ама којзнае дали тоа ќе го спаси од отказ

Реал Мадрид доживеа втор пораз на домашен терен во период од три дена, пораз кој можеби нема да има големи консеквенци во однос на пласманот во Лигата на шампионите, но секако ќе влијае на атмосферата во и околу екипата.

Навивачите по мечот со Манчестер Сити побараа да биде исполнето ветувањето од пред неколку дена и Чаби Алонсо да добие отказ, но речиси сите играчи застанаа на негова страна во своите изјави. Белингам рече дека тренерот одлично си ја врши работата, Куртоа додаде дека тие се виновни за лошите резултати на екипата, а како еден од факторите за поразите беа посочени повредите на дел од клучните фудбалери, особено во одбраната.

Прашање е дали тоа ќе го спаси Чаби Алонсо бидејќи навивачите и во текот на мечот не беа задоволни од играта на фудбалерите и ги испратија со свирежи, особено во последните десетина минути кога очекуваа да биде извршена инвазија врз голот на Сити, а до такво нешто не дојде.

До крајот на годината, Реал го очекуваат уште три натпревари, два во првенството (против Алавес на гости и Севиља дома) и еден во Копа дел Реј (против Талавера на гости). Ако Чаби Алонсо некако го преживее синоќешниот пораз, ќе мора на следните три меча да оствари три победи за да остане на функцијата.