Одбојкарите со турнир во Македонија ќе ја стартуваат Европската лига!

Познати се деталите за Европската лига во 2026 година, ќе се играат три турнири, а Македонија ќе биде домаќин на првиот, има и неколку промени кои ги воведе ЦЕВ од оваа сезона.

Останува турнирскиот систем на натпреварување, односно се игра низ три викенди во јуни 2026. Турнирот на кој Македонија ќе биде домаќин ќе се игра од 5 до 7 јуни, а на него покрај нашата репрезентација ќе учествуваат и Холандија и Луксембург. 

Вториот турнир (12-14 јуни) го играме во Грција, каде покрај домаќинот за противник го имаме и Исланд. Натпреварите ги играме на 13 јуни со Исланд и на 14 јуни со Грција.

Третиот турнир, пак, (19-21 јуни) одбојкарите патуваат на Косово. Првиот натпревар го играме на 19 јуни со организаторот, додека ден подоцна ќе ги измериме силите со Израел.

Македонија има континуитет во ова елитно континентално натпреварување од 2014 година, кое од ова издание добива и на ново значење, односно со него стартуваат и квалификациите за Европското првенство во 2028 година.

Поради тоа во иднина ќе има само една Европска лига (нема поделба на Златна и Сребрена) и 27 европски селекции (кои не играат во ФИВБ Лигата на нации) ќе бркаат билет за ЕвроВолеј 2028 преку ова натпреварување. Правилото вели дека доколку една репрезентација учествува во Европската лига 2026, тоа значи дека треба да настапи и во изданието во 2027, во спротивно ќе подлежи на санкции од ЦЕВ.

Новитет е дека наместо финален викенд, од ова издание ќе се игра Ф6 турнир, предвиден за периодот од 1 до 5 јули 2026 година, а организаторот ќе биде дополнително познат. Доколку организаторот е рангиран меѓу првите шест екипи, тогаш и шестопласираниот игра на завршницата. Ако домаќинот на Ф6 не е меѓу најдобропласираните, тогаш топ-пет екипите и домаќинот играат на турнирот.

Со оглед на тоа дека екипите кои ќе се пласираат на првите четири позиции обезбедуваат и директен пласман на ЕвроВолеј 2028 година, ЦЕВ има дефинирано и одредени правила. Организаторот на Ф6 мора да ја освои титулата во Европската лига 2026 за да обезбеди билет за ЕП, ако на завршницата се пласирал само поради улогата на домаќин, односно не бил меѓу најдобрите шест рангирани по завршувањето на лига-фазата. Доколку пласманот на финалниот викенд организаторот го обезбедил како дел од најдобропласираните во лига-фазата, тогаш првите четири екипи на турнирот директно ќе се најдат на ЕвроВолеј 2028.

ЕВРОПСКА ЛИГА 2026 МАЖИ
ПРВ ТУРНИР (05-07.06.2026), Македонија
05.06.    МАКЕДОНИЈА – Холандија
07.06.    Луксембург – МАКЕДОНИЈА
ВТОР ТУРНИР (12-14.06.2026), Грција
13.06    МАКЕДОНИЈА – Исланд
14.06    Грција – МАКЕДОНИЈА
ТРЕТ ТУРНИР (19-21.06.2026), Косово
19.06    Косово – МАКЕДОНИЈА
20.06    МАКЕДОНИЈА – Израел