Буфон се прости со Јуве: Горд ја завршувам оваа авантура!

Џанлуиџи Буфон, како што најави, одржа прес-конференција на која зборуваше за својата иднина. Дефинитивно се прости со Јувентус, но, очигледно, тоа нема да значи и крај на неговата кариера.

Јувентус в сабота ќе игра против Верона и тоа ќе биде послендиот меч на Буфон. Ќе биде свечено проштевање, ќе биде емотивно и ќе се слави 17-годишната кариера на легендарниот голман во црно-белиот дрес. Тој денеска изрази благодарност, но и среќа што можел да го има овој животен пат.

„Ова е посебен ден за мене, a доаѓам до него со многу среќа и смиреност. Овие емоции ги чувствувам благодарение на неверојатниот пат, што бев доволно среќен да го споделам со многу луѓе кои ме сакаат. Тоа го чувствував секој ден и затоа се трудев да го дадам најдоброто од себе. В сабота ќе го одиграм последниот натпревар за Јувентус и мислам дека тоа ќе биде најдобриот начин да ја завршам оваа фантастична авантура. Страв ми беше дека ќе пристигнам на крајот од таа авантура со Јуве како некој, кој само го толерираат или како играч чиј мотор се расипал. Можам да речам дека не е така и горд сум што можев да покажам настапи кои се вредни на моето и на името на Јувентус. Среќен и благодарен сум во овој момент, бидејќи не се зема здраво за готово кога настапувате на вака високо ниво, толку долго“, изјави човекот кој во јануари наполни 40 години.

Тој дојде во Јувентус од редовите на Парма, во 2001 година, како голема надеж на италијанскиот фудбал и стана легенда. Одигра 508 лигашки натпревари за Јуве и вкупно 655. Од нив 37 се во Серија Б, во најтешките денови за Јувентус, кога Буфон покажа дека и покрај тоа што е еден од најдобрите светски голмани, Јуве го става пред сопствениот интерес.

Го прашаа дали ова значи и крај на кариерата, но тој остави мала неизвесност, велејиќ дека има понуди. Веќе се прости со италијанската репрезентација, откако го загубија баражот за пласман на СП, од Шведска.