Грците го испофалија Димитријевиќ, ама му го „сокрија“ зборот Македонија од дресот (ФОТО)
Новинарите од југот овој пат не можеа да го избегнат овој трансфер во најава, што не само што не го направија туку во текстот со пофални зборови го опишаа досегашниот опус на репрезентативецот на Македонија.
„Димитријевиќ игра феноменална сезона, поради што Емпорио Армани од Милано во него виде плејмејкер за иднината. А зошто и не би го сториле тоа, кога тој е играч кој ја бомбардира големата ЦСКА Москва, на која прво ѝ даде 38, а потоа и 40 поени“, пишуваат Грците.
Но, како мало потсетување на времето од огромниот грчки анимозитет кон се македонското, во очи паѓа избраната фотографија во која популарниот Нено со своите прсти, секако случајно, го сокрива“ името Македонија, над кое стои и непопуларната придавка Северна. Димитријевиќ во сениорската кошарка влезе преку шпански Хувентуд, по што играше во Валенсија, за сега да ја финишира втората сезона во дресот на Уникс Казан.