Беневенто зачекори кон Серија Б: Испаднатиот Кротоне им ја урна надежта за спас (ВИДЕО)

Беневенто зачекори кон Серија Б и кон второлигашката конкуренција денеска го повлече испаднатиот фенерџија Кротоне, откако во 93-та минута им даде гол за реми 1-1 и само теоретска шанса на четата на Пипо Инѕаги дека може да се спаси во завршницата.

Беневенто имаше победа во рака уште по 13 минути игра кога Лападула донесе водство, па триумфот ќе им ги оставеше надежите дека во завршното коло би можеле да стигнат до опстанок, но Сими ги шокираше во третата минута од судиското надополнување и така само теорија станува можниот опстанок на овој клуб.

Беневенто остана трет одоздола сега со 32 бода и само Торино им е шанса да го престигнат, а имаат меѓусебен меч идниот викенд од 15 часот во кој ќе мора да победат. Арно ама, проблемот е што Торино има заостанат меч со Лацио, кој треба да го одигра во среда, а ако освои бод, приказната за опстанокот ќе заврши бидејќи „биковите“ ќе бидат на недостижни четири бода.

Ова реми го спаси и Калјари пред вечерашниот меч со Милан, зашто тимот од Сардинија, кој беше скоро испаднат пред еден месец, сега е на плус четири од Беневенто и недостижен за овој клуб. Претходно Парма и Кротоне веќе испаднаа од Серија А.

Во вториот денешен меч Удинезе дома загуби од Сампдорија со 0-1.