Белоти сѐ уште ја чека Рома да го продаде Шомуродов за да дојде во Рим

Италијанскиот репрезентативец Андреа Белоти кој треба да биде последното бомбастично засилување на Рома, после ангажманот на Пауло Дибала и Џорџино Вајналдум, сѐ уште чека на „волчицата“ за да го продаде Узбекистанецот Елдор Шомуродов.

Белоти има сѐ договорено со римјаните веќе од пред десетина дена и треба да дојде како слободен играч откако му заврши соработката со Торино, арно ама „волчицата“ за да го ангажира треба да се ослободи од еден напаѓач.

И иако се најавуваше брза реализација на трансферот на Узбекистанецот, сѐ уште во ек се преговорите со Ница и Галатасарај за трансфер, но не е ни близу до конечниот договор

Жозе Мурињо се надеваше дека Белоти ќе го има до стартот на сезоната, која почнува викендов, но очигледно ќе почекаат двете страни до официјализација на трансферот сѐ додека не се реши прашањето со Шомуродов. Белоти има договор со Рома до 2025 година и поради овој калчолигаш ги одби сите други опции за трансфер.