Барса си го доуништи угледот со Олмо, а целата катастрофа може да ја чини 260 милиони евра

Дани Олмо официјално е тргнат од списокот на фудбалери на Барселона кои се пријавени во Ла Лига откако каталонскиот клуб не успеа навреме да обезбеди гаранции за негова регистрација во вториот дел од сезоната.

Ова значи дека шпанскиот репрезентативец е слободен да бира нов клуб каде би заминал бесплатно, а ако се случи такво нешто, Барселона ќе влезе во уште поголем финансиски проблем. Според договорот, треба да му ги исплати сите плати на Олмо до 2030 година, плус на Лајпциг отштетата од трансферот од минатото лето. Сето тоа дава сума од 260 милиони евра што во овој момент е преголем залак за Барселона која ионака има проблеми со финансиите.

„Олмо сега технички е слободен играч. Неговиот агент Енди Бара изјави дека Дани сака да остане во Барселона и дека не разгледува други опции, но ако ситуацијата не се реши позитивно за клубот, тоа би можело да има разорни последици за неговиот углед“, пишува каталонскиот весник Спорт.

Весникот додава дека пропаднал планот на Жоан Лапорта, ВИП боксовиге од новиот Камп Ноу да им го продаде на Катарци кои за тоа требаше да платат 200 милиони евра и на тој начин Барселона да ги балансира финансиите и да го регистрира Олмо. Кога слушнале за дебаклот на клубот, Катарците ја преполовиле својата понуда на само 100 милиони евра што е уште еден тежок удар за Лапорта и Барселона.

Уште полошо од се е тоа што Барса со ова си го доуништи тешко стекнатиот углед во европскиот и светскиот фудбал, а кој почна да се руши пред четири години кога од екипата, од слични причини, мораше да си замине најдобриот фудбалер на сите времиња Лионел Меси. Интересно е што сето ова се случува во период кога претседател е Жоан Лапорта и целиот притисок сега е врз неговите плеќи и покрај тоа што тој не е виновен за ваквата ситуација, туку неговиот претходник Жосеп Марија Бартомеу.