Барса чека победа против Реал во финале на Копа дел Реј од 1990 година

Вечерва во Севиља се игра финалниот меч од шпанскиот куп во кој ќе се сретнат најголемите ривали Барселона и Реал Мадрид.

Иако се најтрофејни екипи во шпанскиот фудбал, Барса и Реал не се среќавале многу често во финале од Копа дел реј. Всушност, досега играле само шест пати во мечот за трофејот со тоа што двата тима имаат по три победи.

Во моментов Реал е во низа од два триумфа во финалните дуели против Барса, остварени во 2011 и 2014 година. Последниот беше под водство на сегашниот тренер Карло Анчелоти кој пред 11 години со Реал славеше во финалето одиграно во Валенсија, со 2-1.

Барселона очекува победа во финален меч од Копа дел Реј против Реал од 1990 година кога на стадионот „Луис Казанова“ во Валенсија триумфираше со 2-0. Тоа беше прв шпански трофеј за Јохан Кројф како тренер на Барселона и со него почна доминацијата на каталонскиот тим кој во следните години беше најдобар и во својата земја и во Европа.