Арсенал нема да штеди: Плаќа 100 милиони евра за нов голман

Арсенал во минатото важеше за клуб кој штеди и само продава фудбалери. Тоа беше во периодот кога „топчиите“ го градеа стадионот, а фокусот им беше на развој на млади фудбалери, кои подоцна скапо беа продавани во редовите на ривалите.

Изминативе неколку години политиката на Арсенал се смени, а се започна со скапите трансфери на Месут Озил и Алексис Санчез, по што сезонава следуваа ангажманите на Александре Лаказет и Пјер-Емерик Обамејанг.

На лето премиерлигашот се подготвува да сруши нов рекорд и да го доведе во своите редови најскапиот голман во историјата на фудбалот. Се работи за Јан Облак, чуварот на мрежата на Атлетико Мадрид. Словенецот има откупна клаузула од 100 милиони евра во својот договор со Атлетико Мадрид.

Одредени медиуми, пишуваат дека „топчиите“ се подготвени да ја платат оваа клаузула, најмногу бидејќи во Облак гледаат голман за следните 10 години. Тој има само 25 години, а веќе е доволно искусен. Голманот веројатно ќе сака и нов предизвик да се испроба во најсилната европска лига.