Арбелоа по ремек-делото на Ѓулер: По ваква ноќ можам да умрам среќен (ВИДЕО)

Тренерот на Реал Мадрид, Алваро Арбелоа, не го криеше воодушевувањето по спектакуларниот гол на Арда Ѓулер во победата над Елче на „Сантијаго Бернабеу“.

Турскиот фудбалер ја воодушеви публиката со неверојатен погодок од сопствената половина, удар од дури 68 метри, со кој го израмни рекордот за гол од најголема далечина во историјата на Ла Лига. Вакво нешто во шпанското првенство не беше видено цели 15 години, а погодокот веќе се споменува како сериозен кандидат за наградата „Пушкаш“.

Сепак, покрај голот на Ѓулер, вечерта беше посебна и поради настапите на неколку млади фудбалери од академијата на Реал Мадрид, кои добија шанса да настапат пред домашната публика.

„Мислам дека можам да умрам среќен по ноќ како оваа. Јањез и Агуадо ги тренирав кога имаа 13 или 14 години, а сега да им дадам можност да играат на ‘Бернабеу’ е сон што ми се оствари. Тука се и Карвахал, Фран Гарсија, Тијаго, Сезар, Гонзало… Не е само тоа што ги ставив во игра, туку и како играа. Покажаа огромен талент, квалитет и карактер. А голот на Арда? Сите останавме воодушевени. Вреди да се плати за еден, два или три билети за да се види вакво нешто“, изјави Арбелоа.