Сензација во Индијан Велс: Медведев го растури Алкараз за финале против Синер!

Рускиот тенисер, Данил Медведев, ќе игра во финалето на мастерсот во Индијан Велс, откако ноќеска неочекувано го растури најдобриот на светот, Карлос Алкараз (6-3, 7-6).

Тој по 100 минути пеколна борба прекина две импресивни серии на Шпанецот – низата од 34 победи на тврда подлога, како и неговите 16 триумфи по ред во 2026 година. Медведев до третото финале во „калифорниската пустина“ стигна со агресивна игра, а клучниот момент се случи во вториот сет. При резултат 4-5, Русинот спаси две сет-топки – првата со форхенд винер, а втората со силен сервис – по што доминираше во тај-брејкот и го доби со 7:3.

Во првиот сет Алкараз немаше решение за сервисот на противникот, освојувајќи само седум поени на сервис на Медведев. Со оваа победа Медведев обезбеди враќање во Топ 10, а воедно му го нанесе и првиот пораз сезонава на Шпанецот. Тој во финалето ќе игра против Јаник Синер, кој во меѓусебните дуели води со 8-7, а славел и на осум од последните девет натпревари. Двајцата тенисери ќе се борат за 24-тиот трофеј во кариерата на Медведев, односно 25-тиот на Синер.

Кај дамите, финалето ќе го играат Елена Рибакина и Арина Сабаленка. Сабаленка ќе остане прва на ВТА-листата без разлика на исходот, додека Рибакина со евентуална победа ќе се искачи на второто место.