Балканска драма: Дончиќ со кош во последната секунда ја реши „војната“ со Јокиќ (ВИДЕО)
Словенецот го заврши мечот со трипл-дабл од 30 поени, 13 асистенции и 11 скока, а покрај победничкиот кош запиша и клучна блокада над Тим Хардавеј Џуниор во последните моменти. Регуларниот дел од средбата заврши 118-118, по несекојдневниот потег на Остин Ривс. При негатива од три поени, тој го погоди првото слободно фрлање, намерно го промаши второто, ја фати одбиената топка и реализираше за израмнување. Ривс беше и најефикасен кај победничкиот тим со 32 поена.
На спротивната страна, Никола Јокиќ исто така забележа трипл-дабл со 24 поени, 16 скока и 14 асистенции, додека Арон Гордон постигна 27 поени. Денвер во продолжението играше без Џамал Мареј, кој беше исклучен по само 31 секунда игра. Канаѓанецот имаше и лоша шутерска вечер, со само еден погодок од 14 обиди.
Со овој триумф Лејкерс стигнаа до петта победа по ред, со што дополнително ја закомплицираа битката на врвот на Западната конференција во НБА, каде сега четири екипи имаат по 41 победа во трката за подобра позиција пред плејофот.