Аморим: Јас мислам на тимот, вие мислите на Рашфорд!
Португалскиот стратег вчера конечно го повика Маркус Рашфорд во составот, но напаѓачот остана на клупата за резерви иако Манчестер јунајтед губеше со 2-0 од Њукасл по 20 минути игра.
Со оглед на тоа што Рашфорд е искусен напаѓач, а Јунајтед имаше негатива на Олд Трафорд, логично беше прашањето на новинарите зошто тој не влезе во игра? Но, Аморим имаше нервозен одговор.
„Јас мислам на тимот, вие многу мислите на Рашфорд“, рече кратко Аморим.
Рашфорд не беше единствениот зачудувачки потег на Аморим, она што падна во очи беше и вадењето на Зиркзе по половина час игра. Фудбалерот понижен замина директно во соблекувалната.
„Зиркзе е навистина добро момче. Ќе му дадеме поддршка и одиме понатаму. Навистина ми беше тешко да го направам тоа, но зборував со Џош и му реков дека беше важно да испратиме порака. За тимот беше потребно тој да биде изваден од игра“, рече Аморим.