Шпанските клубови се кренаа против Барса - ќе ја тужат Ла Лига ако ги регистрира Олмо и Виктор

Неколку шпански клубови денеска ја информирале Ла Лига дека ќе почнат судска постапка и ќе бараат прекин и анулирање на првенството ако биде прифатено барањето на Барселона за регистрација на Дани Олмо и Пау Виктор.

Денеска во каталонските медиуми можеа да се прочитаат нови информации во врска со процесот, како и оптимизам кај челниците на Барселона дека утре ќе биде завршена работата. Наводно, се чекаат само документите за продажба на ВИП местата на Камп Ноу со што ќе бидат исполнети сите услови за регистрација на двајцата фудбалери.

Тоа не им се допаѓа на некои од ривалите на Барселона кои сметаат дека Жоан Лапорта има големо влијание врз Хавиер Тебас и на нелегален начин се обидува да го протне целиот процес. Некои се закануваат дека случајот со Негреира ќе биде ништо во споредба со медиумската хајка што ќе ја приредат ако и ова помине во Ла Лига.

Ваквиот однос се должи на тоа што Жоан Лапорта ги прекина релациите со речиси сите клубови од Ла Лига што не беше случај во минатото кога Барселона беше блиска со најголем дел од нив и тесно соработуваше. Тоа особено се однесува на Севиља која нема никаква комуникација со каталонскиот клуб поради случајот Негреира.