Ал Келаифи за Икарди: Ќе видиме дали ќе го откупиме идното лето од Интер!

Контроверзниот аргентински напаѓач Мауро Икарди во последниот ден од преодниот рок дојде во француски Пари Сен Жермен на едногодишен заем со опција за откуп, со што заврши најдолгата трансфер-сага во европскиот фудбал.

Но, доаѓањето на Икарди во Париз не значи и сигурно останување, зашто газдата на парижаните Катарецот Насер Ал Келаифи објави дека засега е нејасно останувањето на извонредниот голгетер по јуни 2020 година.

„Мауро е навистина добар и голем напаѓач и среќни сме што го имаме во составот. Неговите бројки од Серија А покажуваат сè и дека може да сметаме на него. А, дали ќе го откупиме? За тоа ќе видиме...“, рече Ал Келаифи.

Ако ПСЖ се реши да го откупи Икарди ќе треба идното лето да плати 70 милиони евра. За годинешиот заем издвоија пет милиони евра.