Залетаниот Вардар доаѓа да го освои Чаир по две ипол години, градско дерби во Тетово

Градската пресметка на вечните ривали Шкупи и Вардар денеска (15.30 часот) ќе го одбележат вонредното шесто коло во Првата лига, во кое се игра уште едно дерби и тоа градската тетовска пресметка на Ренова и Шкендија, а многу интересни ќе бидат и преостанатите три меча на програмата во оваа рунда.

Најтрофејниот македонски клуб Вардар после серија од три победи по ред во Првата лига и пет меча без примен гол, доаѓа на жешкиот Чаир за да ја продолжи серијата, без оглед што против себе ќе има исклучително негативно наострена домашна публика. Вардарци не знаат за победа против Шкупи на гостувања повеќе од две години (последен првенствен триумф во април 2017), па црвено-црните практично го имаат првиот сериозен испит во пеколниот период за своите високи амбиции кои ги најавија.

После слабиот старт, Вардар се врати во врвот, сега е трет со само три бода зад лидерот Академија Пандев, но со проблеми на премал избор на напаѓачи, црвено-црните ќе мора да тргнат во серијата тешки мечеви почнувајќи од денеска, зашто в недела ги очекува домашна пресметка со Силекс, па куп-дерби дома со Шкендија, па домашен меч со лидерот Академија Пандев, пред да се соочат првпат со најголемиот ривал за круната Шкендија во Тетово на затворањето на првиот круг од првенството.

За да останат на врвот, а и да докажат дека и со подмладен тим имаат капацитет за трофеи, вардарци денеска ќе мора да го „преживеат“ Чаир, на кој Шкупи се радувал двапати од последните три меча, а последниот завршил со четири гола и без победник 2-2. Чаирчани сезонава се мачат за да дадат гол(ови), па од петте на кои играа успеаа само на два да постигнат повеќе од еден. И тоа двапати дадоа по два на домашен терен (со Борец на стартот и со Ренова), а три од тие четири гола се во завршните 15 минути од мечот.

Откако Шкендија го скрши Работнички за првпат да се израдува сезонава во Првата лига, црвено-црните сега ги очекува голем тест против градскиот ривал, кој е ранет со два порази на последните два меча и по добриот старт влезе во криза од која ќе се обиде да излезе на најубав можен начин со бод(ови) против првакот. Ако се води по традицијата, денеска треба да има голови под Шара, најмногу и поради фактот што во последните 13 меѓусебни пресметки во првенството, само трипати немало повеќе од три гола на меч (двапати 1-1 и еднаш 2-0 за Шкендија). Овие два тима, пак, не одиграме непопуларно без голови дури четири години, уште од ноември 2015 година.

Работнички ќе бара излез од дното против Макеоднија ЃП, која покрај Академија Пандев засега во сезоната има извонредни резултати и заслужено е второпласирана. Ако дебармаалци сакаат да ја вратат самодовербата, а и да избегаат од дното, ќе мора да ги победат „лавовите“, иако прашање е дали „романтичарите“ имаат капацитет да се изборат за такво нешто сооглед на игрите и настапите во овие пет кола, во кои победија само со Шкупи дома (2-0).

Силекс, како и Работнички, против Борец ќе бара излез и спас од дното, но велешани и во минатото коло во Ѓорче Петров покажаа дека се незгоден ривал и дека кратовци нема да имаат нималку лесна задача за да дојдат до бодови. Во Струга, пак, дебитантот во елитата го дочекува најмладиот прволигаш Академија Пандев, а струмичани го имаат првиот голем тест на своите високи амбиции наметнати со лидерската позиција на тешкиот терен, кој им ги донесе сите бодови засега на стружани.

ПРВА ЛИГА, 6. КОЛО (15.30 ЧАСОТ)

ЧАИР: Шкупи – Вардар

АРЕНА: Работнички – Македонија ЃП

ТЕТОВО: Ренова – Шкендија

КРАТОВО: Силекс – Борец

СТРУГА: Струга Трим Лум – Академија Пандев

ТАБЕЛА: А. Пандев 13, Македонија ЃП 11, Вардар 10, Шкупи 8, Ренова 7, Струга ТЛ 7, Шкендија 4, Борец 4, Силекс 3, Работнички 3.