Воска ги држеше судиите како заложници - едвај спасија жива глава!

Инцидентите на македонските фудбалски терени не се никаква новост, но денешниот во Охрид на стадионот „Билјанини извори“ прераснал во заложничка драма. 

Судиите на натпреварот помеѓу Воска Спорт од Охрид и Гостивар во рамки на Втората лига Запад, предводени од главниот арбитар Никола Иванов, доживеале вистински хорор, објавува „Пресс24“. Тие биле држени во соблекувалната повеќе од половина час против своја воља од претставници на Воска Спорт.

Имено охриѓани го загубија натпреварот со 0-1, а домашните очигледно незадоволни од резултатот и судењето на арбитрите решиле да ги преземат работите во свои раце. Притисокот кон „луѓето во црно“ почнал уште на полувремето, кога луѓето од домашниот клуб физички ги нападнале Иванов и неговите помошници Петар Новачев и Роберт Црвенов.

Тие и покрај инцидентот решиле да го продолжат натпреварот во кој во второто полувреме гостиварци постигнале гол. Иванов дури и покажал црвен картон за домашниот тим поради остар старт и неколку жолти за приговор.

Луѓето од Воска Спорт по натпреварот влетале во соблекувалната на судиите и ги држеле како заложници. Инцидентот е евидентиран и во записникот на делегатот, што значи дека второлигашот од Охрид и луѓето до клубот ги чекаат сериозни санкции од Фудбалската федерација на Македонија.