Велес одамна никој не го освоил, ќе успее ли Вардар да ја прекине серијата на Борец?

Најтрофејниот македонски клуб Вардар, моментно актуелен лидер во Првата лига попладнево (14 часот) ќе го отвори 20-то прволигашко коло на гостувањето во Велес кај Борец во обид црвено-црните да фатат победнички залет откако троумфално ја отворија пролетната полусезона со домашниот триумф против Македонија ЃП со 3-1 пред една недела.

Велес повеќе од две години е неосвоива тврдина, каде есеноска Вардар освои само бод, па пред избраниците на Александар Васоски е голем предизвик да бидат првиот клуб што успеал од 18 октомври 2017 година да триумфира на незгодниот терен кај Борец.

Оттогаш, кога велешани во Купот последен пат загубија од битолски Пелистер (1-3), немаат ниту една „нула“ пред своите гледачи. Есеноска откако се вратија во прволигашкото друштво освоија 19 од 20-те бода на контото, а на овој терен ја победија Шкендија и Академија Пандев (1-0), славеа со Шкупи (2-1), со Струга Трим Лум (3-2), ремизираа со Вардар (0-0), Работнички (1-1)...

Вардар доаѓа во Велес комплетен (се враќа првата ѕвезда Даниел Аврамовски по суспензијата за жолти картони) и полн со самодоверба дека со нова победа повторно ќе направи силен притисок врз Шкендија, особено зашто тетовци утре имаат ново тешко и незгодно гостување, сега во Кратово кај хитот на сезоната Силекс, кој со првата пролетна победа сега е третопласиран на бод заостаток зад актуелниот шампион.

Утре на програмата се преостанатите четири меча од оваа рунда во која освен дербито во Кратово има уште две возбудливи пресметки, пред сè „репризата од ланското ку-финале“ во Ѓорче, Македонија ЃП – Академија Пандев, како и скопската пресметка Работнички – Шкупи на Националната Арена „Тодор Проески“. Во Тетово, пак, Ренова е домаќин на Струга Трим Лум.