Васоски: Со Божја помош да ја освоиме шампионската титула!

Тренерот на Силекс, Александар Васоски вели дека целта на кратовскиот тим во вториот дел од сезоната е да ја освои титулата.

Силекс е есенски шампион, па амбициите пораснаа, желбата и целта сега е да останат на врвот и кога сезоната ќе заврши.

„Со оглед на тоа дека сме есенски шампиони, секако го оценувам мошне задоволително од наша страна, а во пролетниот дел секако задачата за да се одбрани тоа прво место ќе биде ѓаволски тешка, бидејќи знаеме дека се бориме со доста квалитетни екипи. Меѓутоа, кога веќе докажавме дека во 18 натпревари можеме да бидеме први, зашто не и во останатите 15. Така што апсолутно веќе не криеме дека целта е оваа година, со Божја помош, да ја освоиме шампионската титула“, изјави Васоски за социјалните мрежи на тимот.

Прв противник во пролетниот дел за Силекс ќе биде Тиквеш.

„Секако, ќе не очекува еден тежок натпревар. Екипата на Тиквеш е минатогодишен освојувач на купот, а ќе дојде во Кратово, сигурно нема да дојде да се предаде. Секогаш првите натпревари по подготовките се тешки, така што очекувам еден тежок натпревар. Се надевам само дека временските услови ќе ни бидат добри и дека ќе пробаме да ја отвориме сезоната со првите три бода“.