Васоски: Се враќа старото дерби, Силекс и Вардар се борат за врвот!

Денеска со почеток од 17 часот Силекс му гостува на Вардар во последниот натпревар од 11. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) по кој ќе биде заокружена и првата третина од сезоната.

Со победи над Тиквеш и Пелистер, Силекс се крена од кризата во која претходно се најде, ја врати самодовербата и повторно е со големи апетити за високите места. Денеска доколку победи во Скопје ќе се израмни бодовно со Вардар.

По подолго време дуелот меѓу Вардар и Силекс е дерби за врвот, како во старите времиња кога двата клуба се бореа за титулата. Тоа го потенцира и тренерот на Силекс, Александар Васоски, кој се надева дека неговиот тим може да ги изненади црвено-црните.

„Ние на овој натпревар влегуваме во позитивна серија, исто и Вардар, и очекувам да биде интересен и квалитетен натпревар. Се враќа старото дерби, двата тима сега се во борба за врвот. Добро се познаваме меѓусебно. И Силекс и Вардар имаат квалитет, и заслужено се во горниот дел на табелата. Очекуваме тежок натпревар, во кој мораме да се надминеме себе си за позитивен резултат. Психолошки и физички сме подготвени за овој предизвик, и сметам дека ако бидеме на нивото и ако имаме добар ден, можеме да го изненадиме Вардар“, рече тренерот Васоски за официјалниот сајт на ФФМ.